Кошмарен старт на Е. Пелистер во Европската лига, доби лекција по ракомет од Ла Риоха

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со пораз го започнаа настапот во ЕХФ Лигата на Европа. Битолчани во салата „Боро Чурлески“ се поразени од Ла Риоха со убедливи 24:31, но поразот не е толку загрижувачки, колку прикажаната игра, посебно во првото полувреме.

Ракометарите на Пелистер беа катастрофални во првото полувреме, постигнаа само осум голови, и ништо не функционираше во играта.

Првиот гол беше постигнат дури во шестата минута, а на средина од првиот дел беше 3:10.

Грешките во нападот беа казнувани со лесни голови од контри и полуконтри, згора на тоа битолчани го разбранија голманот Ледо кој само во првиот дел имаше дури 11 одбрани. Згора на тоа, Ледо постигна и два гола.

Во 24 минута Пелистер имаше минус девет (5:14), а на одмор замина со негатива од осум гола (8:16).

Во второто полувреме, речиси идентична слика, тешка игра во нападот, без многу комбинаторика и секоја грешка беше сурово казнувана од шпанскиот тим. Во 45-та минута, Ла Риоха по голот на Мартинез за првпат дојде до двоцифрена предност (17:27), а во следниот напад голманот Ледо повторно ја погоди празната мрежа на битолчани со што и дефинитивно стана јасно кој ќе слави.

На крајот Пелистер е поразен со 24:31.

Самоил Ристевски со четири голови ја предводеше листата на стрелци кај Е. Пелистер.
Алваро Мартинез со шест гола беше најдобар кај Ла Риоха, но човек на натпреварот беше Ледо кој имаше дури 21 одбрана и притоа постигна три гола.

Во следното коло во Европската лига, Еурофар Пелистер на шести октомври ќе му гостува на Гдањск кој синоќа го изненади Гумерсбах со 38:34.

Се вчитува...