Кошмарни 17 минути на младата репрезентација во Тузи: Црна Гора со пресврт до победа над Македонија (ВИДЕО)

Македонија го претрпе третиот пораз од четвртиот меч во квалификациите за пласман на ЕП, откако вечерва е поразена на гостувањето во Тузи од селекцијата на Црна Гора со 3-2. Избраниците на Горан Станиќ имаа предност после првиот дел, меѓутоа во вториот целосно потфрлија, играа многу лошо во одбрана, а како резултат на тоа Црногорците постигнаа три гола за 17 минути и ја обезбедија победата.

Мелиќи уште во 13. минута од средбата донесе предност за Македонија. Асистираше Хамза, а Мелиќи со глава стрелаше во мрежата на Радановиќ за предност, што беше резултат на полувремето.

Црногорците во вториот дел го направија пресвртот. „Мрачните минути“ на Македонија беа од 56-тата до 73-тата кога домаќинот со три гола дојде до предност од +2. Перишиќ во 56. минута искористи „отпадок“ од голманот Василев и израмни. Јуковиќ во 68. минута по конфузија во одбраната и немоќта на Василев прави пресврт. Тонењето на Македонија продолжи, па во 73. минута од средбата Мрваљевиќ со прекрасен гол носи 3-1 а домаќинот. Црна Гора можеше и до 4-1, меѓутоа не успеа да реализира добра шанса.

Потоа Димитар Трајков во првата минута од судиското надополнување успеа да намали по додавањето од десната страна на Зенку, но тоа беше се што стори Макеоднија, и немаше можност да дојде до израмнување и барем до бод од овој меч.

Се вчитува...