Костески: Секој во Алкалоид знае која му е задачата

РК Алкалоид веќе десетина дена е во тренажен процес, од почетокот на неделава е на висински подготовки во Маврово каде што во одлични пред сe временски услови акумулира енергија и ја подобрува физичката подготвеност за претстојните искушенија што ќе ги донесе сезоната.

РК Алкалоид следната сезона покрај Суперлигата, Куп на Македонија и ЕХФ Европски Куп ќе биде дел и од новото регионално натпреварување и ќе има плус предизвици и за сите нив ќе мора да биде добро подготвен.

Следат и првите контролни натпревари, но во моментов фокусот е на физичката спремност, а добрата вест од клубот е што сите ракометари се здрави и од прв тренинг работат со полн интензитет.

Тоа е особено важно за играчите кои минатата сезона имаа пехови со повреди. Еден од нив е Никола Костески кој имаше пауза, но сега тоа е минато, а тој без никакви ограничувања работи на тренинзите.

„Најбитно е што се вратив по долга пауза, тоа беше сериозна повреда. Но, мило ми е што сега сум од почеток на подготовките здрав и спремен за тренинзи. Тоа е најбитното, сите да сме здрави и да сме комплетни.  Во текот на летниот период имавме програма, предподготвителен период за да можеме да стартуваме со ритамот во подготовките. Работиме во убава атмосфера. Во прв план сега ни е кондицискиот дел и подготовката на тактиката. Задоволни сме сите, имаме добар ростер… Се знаеме добро со Борозан и Цехте, Сухолежник ни е нов, но добро се вклопува. Долго сме во овој проект и знаеме како функционира. Професионалци се сите, си ги знаат задачите.
Овде имаме добри услови, температурата е одлична за работа, тренерот ги постави целите за овој дел од подготовките и сите си ја работиме нашата работа“, изјави Никола Костески.

Се вчитува...