Костески станува слободен играч во јули, Пелистер не му е во плановите

Повремениот македонски репрезентативец Никола Костески ги разгледува опциите за продолжување на кариерата, со оглед на фактот дека договорот на десното крило со екипата на Металург истекува на крајот на сезонава. Влошената финансиска состојба и долгувањата кон ракометарите е причината поради која не само Костески, туку и останатите членови на Металург, сериозно размислуваат при понудите за продолжување на соработката. Пелистер е еден од клубовите што е заинтересиран за овој играч, но Костески барем засега не размислува за преселба во Битола.

Договорот со Металург ми истекува на крајот од сезонава, па летово ќе треба да одлучам за следниот чекор во кариерата. Во секој случај прво ќе седнам да разговарам со Металург, во знак на почит кон сегашниот клуб, иако има опција и за заминување во странство. Пелистер засега не е дел од моите планови за иднината“ – истакна Костески.

Костески во последните неколку години добиваше се поголема минутажа од тренерот Лино Червар, од страна на Ивица Обрван беше вклучуван во поширокиот список на репрезентацијата, но намалената улогата во тимот на Металург придонесе тој уште повеќе да се оддалечи од националниот тим.

Се вчитува...