Никола Костески заслужено доби повик за камбек во репрезентативниот дрес, откако искусниот ракометар веќе втора сезона во низа прикажува добри игри во дресот на Плзењ.
Тој моментно е најдобар стрелец во чешкиот шампионат, па по повлекувањето на Гоце Георгиевски селекторот Лазаров се реши токму Костески да добие шанса во црвено-жолтиот дрес.
„Гордост е да се носи дресот на Македонија, јас отсекогаш сум го велел тоа. Последен пат настапив на СП во Франција, каде селектор беше Лино Червар, ми даде шанса, се запишав и меѓу стрелците на тој мундијал. Потоа не бев повикуван, не сакам да навлегувам во причините, јасно ми е дека селекторите се тука за да ги избираат играчите кои сметаат дека се најдобри во тој даден момент. Знаев дека само треба да работам напорно и да чекам шанса, пресреќен сум што сега сум повторно тука, што со гордост ќе го облечам дресот на репрезентацијата“, изјави Никола Костески.
Задоволството сега е уште поголемо ако се знае дека десното крило ќе ја дели минутажата на оваа позиција со својот брат Ненад Костески, кој со успех настапува за македонскиот првак Е.Пелистер.
„Секако, задоволството ќе биде огромно. Цел живот сонувам да заиграме за Македонија со брат ми, сега таа голема желба ќе ми се исполни. Не е важно кој колку минути ќе добие, селекторот е тој што одлучува, но да го делам мечот со мојот помлад брат носејќи го дресот на Македонија, тоа чувство ќе биде драгоцено и ќе го паметам цел живот“, истакнува Никола Костески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА