Кожув е на работ од амбисот: Црн Дрим ја освои Гевгелија

Црн Дрим е на работ на обезбедување на опстанок во елитното кошаркарско друштво откако струшкиот прволигаш во првиот меч од баражот на гостински терен го совлада Кожув со резултат 80-83. Фактот дека Кожув имаше десет победи во Првата лига и во последното коло остана без плејоф не значи буквално ништо поради промашениот систем на федерацијата, па прволигашот од Гевгелија сега се наоѓа на работ на амбисот, со евентуален пораз на следниот дуел во Струга да се пресели во второлигашки ранг.

Дуелот во Гевгелија мина во израмнета игра, Црн Дрим имаше „плус осум“ во првата четвртина, но домаќините успеаја да се вратат  и на одмор да заминат со минимално водство од 45-44. Кожув подобро ја финишираше третата четвртина и влезе во последните десет минути со „плус шест“, но потоа дојде до огромен пад во играта на гевгелискиот прволигаш. Црн Дрим експресно израмни, а нешто подоцна и ја презеде контролата над резултатот. Кожув се обиде со лични грешки во финишот да се врати, но стружани шутираа беспрекорно од линијата за слободни фрлања, стигнувајќи до огромна победа во битката за опстанок.

Пантиќ со 28 поени и Стаменковиќ со 19 поени и 11 скокови беа најефикасни во редовите на Црн Дрим, додека прв стрелец на Кожув беше Скот со 22 , пред Пајиќ со 19 поени.

Се вчитува...