Кожув го „торпедираше“ Феникс за прва победа во сезоната

Кожув стигна до првата победа во сезоната откако на домашен терен славеше против Феникс 2010 со 91-83. ‘Црвено-белите’ денеска ги служеше шутот за три поени, сегмент од играта во кој постигнаа 42 поени. Притоа одолеаја на налетот на гостите на крајот на мечот и заслужено стигнаа до победа.

Добрата одбрана на Феникс 2010 на отварањето на натпреварот го лимитираше нападот на Кожув, а преку игра ‘два на два’ гостите стигнаа до предност од 2-9. Сепак постот на ‘црвено-белите’ не траеше долго, а на крилјата на Вилијамс домаќинот успеа со серија од 10-0 да го превземе водството, но не и да го задржи по 10. минути игра (18-21). Вторите десет минути започнаа со игра во серии. Феникс 2010 преку Морган и Хот стигна до предност од 20-27, а Кожув преку Вилијамс и Николовски брзо ја анулираше. По изедначената игра, клучната предност домаќинот ја направи преку шутот за три поени каде беа реализирани пет обиди за водство од 49-42 на полувремето.

Добриот моментум на домашниот состав продолжи и на отварањето на второто полувреме. Грешките на гостите Кожув знаеше да ги искористи на спротивната страна на паркетот, а избраниците на Николов ја задржаа и високата реализација за три поени па поведоа со 63-46. Тајм-аутот на Дервишевиќ за момент вроди плод. Гостите заиграа агресивна одбрана преку која ја брзо ја намалија негативата, но домаќините одговорија со шут за три поени преку кој ја вратија високата предност (73-54) по 30. минути игра.

Агресивниот пресинг по цел терен повторно вроди плод во играта на Феникс 2010 кој високата негатива ја преполови за само пет минути игра (83-73), а и покрај тоа што го имаа моментумот гостите не успеаја навремено да ја сведат негативата на едноцифрена.

Чаз Вилијамс го предводеше Кожув со 25 поени и 12 асистенции, а него го следеа Николовски со 19 поени и 9 скока и Симоновски со 15 поени и 7 скока. Џоунс и Морган беа предводници на Феникс со по 18 поени. Андреј Митревски броеше до 17 поени, а како двоцифрени со 11, односно 10 поени мечот го завршија Кларк и Хот.

Се вчитува...