Кожув не се предава, закажа „мајсторка“ против Црн Дрим

Плеј-аут серијата помеѓу Кожув и Црн Дрим ќе биде решена со „мајсторка“ откако Кожув славеше на гостувањето во Струга со 78-85. По изедначениот натпревар во првите три четвртини, победникот беше одлучен во последните десет минути од средбата во кои избраниците на Николов одиграа одлична одбрана во која дозволија само 11 поени на домаќинот, а расположениот напад реализираше 18.

Израмнетиот натпревар двата тима го најавија уште од самото отварање каде во играта во серии ниеден тим не успеа да направи значајна предност. По првите десет минути на семафорот стоеше 18-18, за веќе до полувремето двата тим да заиграат далеку подобро во нападот, но и покрај тоа на полувремето разликата не беше поголема од еден напад (44-46). Добриот ритам продолжи и во второто полувреме, Кожув прв ја превзема иницијативата и „побегна“ на предност од два напада, со што наговести подобра игра во самата завршиница и покрај тоа што избраниците на Чочорски успеаја да го изедначат резултатот во 30. минута (67-67). Домаќинтие немаа решение за Чампара во последните десет минути од мечот, па гостите стигнаа до нова предност, која овој пат не ја испуштија.

Целата почетна петорка на Црн Дрим забележа двоцифрен број на поени, а прво име на средбата беше Андреј Настовски со 18 поени и 2 скока. Него го следеше Младен Пантиќ со 17 поени, додека четири помалку додаде Грубор. Триото Чампара-Пајиќ-Скот беше незапирливо за домаќинтие со 23 поени и 8 скока, 22 поени и 5 скока, односно 21 поен и 6 скока.

Се вчитува...