Кожув им зеде мерка на кавадарчани

Кожув во третото коло ја забележа втората победа во домашното првенство, откако вечерва неочекувано лесно го скрши отпорот на Еуроникел, триумфирајќи со резултат 86-61. Гостите од Кавадарци допатуваа по две убедливи победи во стартните две кола, но избраниците на тренерот Самарџиев беа немоќни да приредат изненадување против расположениот домашен состав.

Првата четвртина мина во израмнета борба (16-14), но како клучна се покажа втората четвртина во која Кожув предводен од Американецот Пејн успеа да стигне до двоцифрена предност и на одмор да замине со убедливи 43-29. Тимот од Гевгелија не дозволи гостинот во ниту еден момент да се понадева на камбек, напротив, во последната четвртина предноста на Кожув уште повеќе се зголеми се до конечните „плус 25“.

Пејн беше главна фигура со 23 поени, Бојан Трајковски реализираше 18 поени, додека најефикасен кај Еуроникел беше Марцет со 20 постигнати поени.

Се вчитува...