Кожув обезбеди опстанок, монструозна четвртина на Марко Симоновски

Кожув и во следната сезона ќе биде дел од елитното кошаркарско друштво, откако во мајсторката за опстанок прволигашот од Гевгелија триумфираше над Црн Дрим со убедливи 91-78. Најзаслужен за победата беше македонскиот репрезентативец Марко Симоновски, кој го одигра својот најдобар меч за Кожув токму кога беше најважно, помагајќи му на тимот да го задржи прволигашкиот статус.

Првата четвртина заврши со водство на гостите од Струга со 21-24, за во втората четвртина да може да се проследи неверојатно шоу на Симоновски. Извонредниот шутер одигра беспрекорно, погоди шест тројки и постигна вкупно 20 поени само во оваа четвртина и донесе пресврт, па Кожув замина на одмор со водство од 47-42. Гостите од Струга успеаја да парираат во третата четвртина, но потоа Кожув фуриозно го стартуваше последниот период со серија од 14-2, осигурувајќи си ја победата без да се влезе во неизвесен финиш.

Марко Симоновски беше клучен играч на оваа мајсторка со 30 постигнати поени (8/10 за тројка), Лок реализираше 18, а Станојевиќ 15 поени за Кожув. Во редовите на Црн Дрим, кој експресно се враќа во втората лига, најефикасни денеска беа Марсело со 25 и Грубор со 18 поени.

Се вчитува...