Кожув пред потпис со американска „дабл-дабл машина“

Екипата на Кожув е многу блиску до ангажман на нов американски кошаркар, со кој тренерот Јончевски планира да ја засили крилната позиција во тимот. Станува збор за Вили Џексон, досегашен член на Универзитетот Толедо, кој важи за одличен борец под обрачите и кој според специјализираниот кошаркарски портал „Спортандо“ е на пат да се пресели во Гевгелија.

Иако настапува како крило, Џексон ја заврши сезоната во НЦАА со 12,3 поени и 12,2 скокови по натпревар, надополнети со 2,2 асистенции. Овој кошаркар забележа дабл-дабл на 19 од 32-те средби во дресот на Толедо минатата сезона и се очекува да му биде од огромна помош на тимот од Гевгелија.

Кожув создаде квалитетен тим откако ги доведе Марко Симоновски, Шалев и Бешлиоски, а ги задржа Караџовски и Пајиќ. Џексон е третиот Американец што потпиша летово со Кожув, по Џошуа Скот и Ентон Максвел, а Јончевски успеа да го комплетира и трансферот на хрватскиот центар Антун Маричевиќ.

 

Се вчитува...