Кожув се буди, Еуро Никел е во криза

Кожув покажува карактер за излез од кризата на стартот од сезоната откако тимот од Гевгелија вечерва славеше над вицешампионот Еуро Никел со 86-79. Одличното второ полувреме му донесе голем триумф на домашниот состав, додека за гостите од Кавадарци ова беше петти пораз во низа, јасен знак за проблемите со кои се соочува актуелниот вицешампион на стартот од новата сезона.

Кожув подобро го отвори натпреварот, на половина од првата четвртина домаќините водеа со убедливи 14-6, но потоа проработе нападот на гостите од Кавадарци, кои со фуриозна игра ја завршија четвртината со водство од 21-26. Избраниците на тренерот Самарџиев продолжија со добра игра и во вториот период, зголемувајќи ја предноста на 40-48 (полувреме), за со поените на Ѓекиќ на самиот старт од третата четвртина гостинските кошаркари да стигнат и до првата двоцифрена позитива (40-50).

Од тој момент се разбуди Кожув, во ритам влегоа Американецот Чез Вилијамс и македонскиот репрезентативец Марко Симоновски, кои не само што експресно ја стопија негативата на својот тим, туку и донесоа целосен пресврт, па по три четвртини резултатот гласеше 68-63 за гевгеличани. Еуро Никел за момент се врати, но следеше нова мини-серија на Кожув, па домашните благодарение на Вилијамс и на мирната рака од линијата за слободни фрлања на Главчев стигнаа до предност од 79-73 на четири минути до крајот.

Димчевски погоди тројка и намали на 79-76, но Кожув го издржа и последниот налет на гостинскиот состав, заслужено стигнувајќи до победата.

Кире Николовски одигра уште еден импресивен меч за тимот од Гевгелија стигнувајќи до дабл-дабл од 28 поени и 14 скокови, 28 поени исто така постигна и Американецот Вилијамс, додека кај Еуро Никел најефикасни беа Соколов и Томиќ со по 22 поени.

Се вчитува...