Кожув се избламира со Теута во БИБЛ

Екипата на Кожув го претрпе и вториот пораз во низа на стартот од сезоната во БИБЛ-лигата, губејќи на домашен терен од Теута со убедливи 85-94. Македонскиот претставник важеше за фаворит на дуелот со гостите од Албанија, но не само што не успеа да ја оправда таа улога, туку и му дозволија на составот на Теута целосно да доминира, во голем дел од мечот да има и двоцифрена предност и на крајот заслужено да се радува на победата.

Теута ја доби првата четвртина со 17-21, по што албанскиот претставник веќе во 15. минута стигна и до првото двоцифрено водство (26-37). На одмор се замина со водство на гостите од 40-50, а во третиот периот Теута имаше и најубедливи осумнаесет поени разлика (54-72). Убедливата предност им овозможи на гостите и малку да се опуштат до крајот, па Кожув во последните десет минути само ја преполови негативата за конечни „минус девет“.

Пековиќ постигна 23, а Радловиќ 16 поени за Кожув, додека по 13 поени постигнаа Караколев и Мишковиќ.

Се вчитува...