Крај на една ера: Агуеро го напушта Сити!

Аргентинскиот напаѓач Серхио Агуеро го напушта Манчестер Сити по 10 години, објави клубот од „Етихад“. Договорот на искусниот играч (32) истекува на крајот на сезоната и нема да има продолжување.

Сега ова е и официјално потврдено од претседателот на Сити.

„Придонесот на Агуеро во Манчестер Сити во изминатите 10 години е неизмерен. Агуеро е легенда и неговото име ќе остане неизбришливо и врежано во сеќавањата на сите што го сакаат клубот, а можеби дури и на оние кои едноставно го сакаат фудбалот“, рече претседателот на Сити, Калдун Ал Мубарак.

Според информациите до кои дојде „Би-Би-Си“, Агуеро ќе има изградена статуа пред стадионот, веднаш до Винсент Компани и Давид Силва.

Аргентинецот пристигна во Сити во 2011 година од Атлетико Мадрид. Во меѓувреме, тој постигна 257 гола на 384 натпревари. Агуеро освои многу титули со тимот од Манчестер, а можеби најзначајна е онаа од 2012 година против Квинс Парк Ренџерс во последното коло во Премиер лигата, кога Серхио во последната минута ги донесе граѓаните до шампионската титула по цели 44 години.

Кун беше меѓу клучните фудбалери на Сити и во освојувањето на уште две Премиер лиги, еден ФА куп и пет Лига купови.

 

Се вчитува...