„Кралевите“ си дадоа рок за Роналдо: „Мир“ до 1 јули или трансфер

Раководството на Реал Мадрид е сериозно загрижено од последните закани на Кристијано Роналдо за заминување од „кралскиот клуб“, откако Португалецот почувствувал дека ја нема неопходната поддршка од Реал во скандалот и обвинението против него за затајување на данок. Кристијано и претходно бил поврзуван со заминување, но „кралевите“ знаеле дека соработката ќе продолжи. Сепак, ситуацијата овојпат е поинаква, Роналдо е најбесен на претседателот Флорентино Перез и луѓето од највисоките директорски места, откако во мадридските медиуми вестите за обвиненијата против него беа проследени со фотографии од португалската репрезентација, за да не се нарушува имиџот на клубот.

Перез и неговите најблиски соработници се загрижени дека за разлика од минатото, овојпат ситуација многу потешко ќе може да се стабилизира. Весникот „Марка“ објави дека челниците на Реал не сакаат целата ситуација да прерасне во „летна сапуница“, па си дале и краен рок до 1 јули да го решат овој проблем, или да ја смират целата ситуација, или доколку тоа не е возможно да почнат да ги разгледуваат понудите што ќе пристигнат за португалската суперѕвезда. Роналдо во следните десетина дена ќе биде во Русија, каде ќе настапува на Купот на Конфедерации, но „кралевите“ ќе пратат висока делегација на разговори, во обид за намалување на тензиите и менување на ставот на Кристијано околу неговата иднина.

Манчестер јунајтед и ПСЖ со нетрпение ќе го следат развојот на настаните подготвувајќи понуди од по 150 милиони евра, сума за која што се шпекулира дека Реал би го продал својот најдобар играч, за потоа да вложи голем дел од овие пари во Килијан Мбапе.

Се вчитува...