Башкими го сака „скалпот“ на Силекс кој веќе шест меча не знае за победа

Екипата на Башкими брка нова победа во 10. коло од Првата македонска фудбалска лига, каде што на домашен терен ќе се соочи со Силекс.

Кумановци влегуваат во овој дуел со голема мотивација, по значајниот триумф од 2-1 против Струга ТЛ во претходното коло – меч кој воедно беше и успешна премиера за новиот шеф на стручниот штаб, Муарем Муарем. Сега Башкими е во потрага по втора едноподруго победа пред својата публика и вкупно трета оваа сезона.

„Ова е исклучително важен натпревар за да ја продолжиме позитивната серија. Силно веруваме во нашиот квалитет и со поддршка од нашата фантастична публика, убеден сум дека ќе успееме и трите бода ќе останат во Куманово“, изјави Бесјан Алиу.

Со победата над Струга ТЛ, Башкими ja прекина серијата од четири меча без триумф. Од друга страна, Силекс влегува во оваа пресметка во лоша форма, со три порази и три ремија во последните три кола, односно вкупно шест натпревари без победа.

Ова ќе биде 26. дуел меѓу Башкими и Силекс. Историјата е на страната на кратовци, кои имаат 14 победи, Башкими брои седум триумфи, додека четири средби завршија без победник.

Во серија од шест кола без победа е тимот на Силекс. Кратовската екипа влезе во мини криза, и по трите порази сега трипати одигра нерешено со Брегалница, Тиквеш и Арсими.

Победа ќе бара денеска напладне во мечот против Башкими на гостински терен. Од Силекс го почитуваат противникот, меѓутоа ветуваат максимална и ангажирана игра за да се дојде, конечно, до триумф во Првата македонска лига.

„Играме против незгоден противник на негов терен. Башкими во последно време покажа дека може да се носи со секоја екипа, и одигра нерешено против Вардар, а го совлада тимот на Струга. Меѓутоа верувам во нашите квалитети и дека ќе го дадеме максимумот да ги освоиме трите бода во овој меч. Мораме максимално да ги испочитуваме сите задачи кои ќе ни бидат зададени, да бидеме фокусирани и се надевам дека на крајот ќе стигнеме до победата“, изјави Дарко Анѓелески, капитенот на Силекс.

Мечот ќе се одигра на стадионот во Куманово, со почеток од 12 часот. Главен арбитар на овој прволигашки дуел ќе биде Стојанче Трпчевски.

Се вчитува...