„Кралевите“ во агонија, ниеден тим во Шпанија не надоместил 10 бода и да стане шампион

Актуелниот шпански и европски првак Реал Мадрид има очаен старт на сезоната во Ла Лига. По синоќешното реми без голови на „Ванда Метрополитано“ против градскиот ривал Атлетико Мадрид, „кралевите“ имаат огромни десет бода негатива во однос на лидерот и најголем конкурент за титулата, Барселона. За статистичарите во Шпанија, ова е веќе недостижна предност, затоа што низ историјата на шпанскиот фудбал ниту еден тим не успеал да надомести толкава негатива во трката за шампионската титула.

Најголемиот дефицит го надоместила Барселона во сезоната 1998/99, кога ја престигна Мајорка и го крена на крајот шампионскиот трофеј, а конкурентот претходно имаше девет бода предност. Мајорка имаше 28 бода по 14 одиграни кола, а Барселона предводена од Луј ван Гал само 19, но на крајот сепак каталонскиот тим и се радуваше на титулата.

„Кралевите“ се во агонија, со оглед дека речиси никогаш не биле толку оддалечени бодовно од врвот по 12 одиграни кола во првенството. Последен пат доцнеа толку многу во сезоната 1995/96, кога имаа негатива од 12 бода во однос на тогашниот лидер Атлетико Мадрид.

Но, ова е уште еден голем предизвик за тренерот Зинедин Зидан и фудбалерите на Реал Мадрид. Тие се уште се службено најдобриот тим во светот…

Се вчитува...