„Кралско збогување“ на Кире Лазаров: Нант супериорен на последниот домашен меч на македонскиот „бомбардер“

Нант забележа убедлива победа од 32-18 над Тулуз во последното коло од француското првенство, меч што ќе остане запаметен како последен домашен натпревар на Кире Лазаров во феноменалната кариера на македонскиот бомбардер. Лазаров, кој вчера и официјално објави дека летово ќе ја заврши кариерата, имаше идеално простување од фановите на Нант, кои го прославија второто место кое речиси сигурно ќе го одведе тимот во Лигата на Шампионите наредната сезона.

Одбраната беше главен фактор во денешното издание на Нант, одлично беа затворени приодите кон сопствениот гол, што резултираше со лесна реализација на спротивната страна.

Ќе остане запишано дека Кире Лазаров на својот последен меч од француското првенство немаше ниту едно промашување, Македонецот постигна три гола од исто толку обиди, надополнети со две асистенции до соиграчите.

Останува да се проследи само уште последниот меч во кариерата на Лазаров, куп-финалето против дрим-тимот на ПСЖ кое може да овозможи идеално збогување на ракометниот великан.

Се вчитува...