Кристијан Цајц „избришан“ од историјата на Кил

Долгогодишната соработка меѓу  Кил и десниот бек Кристијан Цајц, заврши со судска парница и „бришење“ на поранешниот германски репрезентативец од историјата на ракометниот гигант. По завршувањето на спорот по кој Цајц од Кил наплати 75.000 евра, клубот ги симна фотографијата и дресот на некогашната клупска икона од почесното место на кровот во Шпаркасен  Арена.

Цајц во Кил не го заслужува местото меѓу легендите на клубот како што се Магнус Висландер, Штефан Ловгрен и Доминик Клајн кои се слават и по завршувањето на нивната кариера, пишуваат локалните медиуми во Кил пренесувајќи го клупското соопштение.

„Сите тие се почитувани поради извонредните спортски достигнувања и обединети се во лојалноста кон Кил, кон навивачите и кон приказната на клубот со рекорден број титули. Тие го носеа и го носат Кил во своите срца, дури и откако ја завршија кариерата меѓу „зебрите“. Кристијан Цајц со своето збогување ги загуби тие вредности“ – стои во известувањето од Кил.

Кристијан Цајц помина повеќе од една деценија во редовите на Кил за кој играше во периодот од 2003 до 2014 година кога се пресели во Веспрем. Враќањето на поранешната ѕвезда на тимот во Кил беше емотивно, но, не донесе некој поголем резултат бидејќи 38-годишниот Цајц во поголем дел беше надвор од теренот во сенка на Вајнхолд и на Вујин. На крај приказната заврши со супензија и со судска одлука Кил на Цајц да му исплати три бруто плати или околу 75.000 евра како дел од договрот.

Се вчитува...