Крос: Не сме толку добри како што сите мислат

Актуелниот светски првак Германија, синоќа воопшто не доликуваше на светска сила во „контролката“ против Бразил која ја загубија со 1-0. Без шанси за гол, без идеја, недостасуваше шампионскиот сјај на „панцирите“, а меѓу најразочараните од целокупниот настап на селекцијата е Тони Крос.

Играчот за врска ги критикуваше своите соиграчи, потенцирајќи дека имаат уште многу да работат во пресрет на мундијалот во Русија, каде Германија ќе го брани пехарот.

„Негативноста зеде замав во овој тим. Видовме дека не сме толку добри како што сите мислат и зборуваат за нас. Се разочаравме самите со настапот против Бразил. Не влегувавме во дуели, недостасуваше креативност, а некои од играчите кои беа на терен се однесуваа како да се на излет. Некои од играчите пропуштија шанса да се покажат во добро светло, истите тие треба добро да се запрашаат дали всушност заслужуваат да се тука. Добро е што видовме дека треба уште да напреднеме пред почетокот на СП, не чека уште многу работа за да можеме да го одбраниме тронот. Добро е што загубивме сега на пријателска средба, многу подобро отколку во Русија за време на првенството“, истакна Крос.

Германија не успеа да осигура позитивен резултат на двете пријателски средби, откако неколку дена порано ремизираше со Шпанија при конечни 1-1.

Се вчитува...