Крстаиќ: И како играч и како тренер сум бил дел од мечеви на кои имало провокации, наше е да одиграме професионално

Фудбалската репрезентација на Македонија утре ќе ја пречека Бугарија во натпревар од последното 6. коло од новата сезона во најмладото репрезентативно натпреварување на УЕФА, Лигата на нации.

Селекторот на бугарската репрезентација, Младен Крстајиќ пред мечот во Скопје вели дека му се важни само случувањата на теренот и дека одат на победа на овој дуел.

„Кога сте во спортот, не може да нема интерес, така што не би се сложил дека Македонија нема интерес да победи, а така е и со Бугарија. Имаме бод помалку, ќе направиме сè за да победиме. Натпреварот со Гибралтар мина како што мина. Успеавме во нашата цел. Најважен беше односот, сите 90 минути концентрација и желба за докажување. Утре очекувам поинаков меч, Македонија е добра екипа и верувам во тежок меч. Ние сме психолошки подготвени за овој меч, ама очекувам да нe краси енергијата која јас ја барам од тимот. Сакам Бугарија да покаже исти желба во сите следни натпревари. Имав шанса и како играч и тренер да дојдам во ситуација за натпревар на кој може да има провокации. Треба да излеземе на теренот и да одиграме професионално. Ќе играме атрактивно колку што ќе ни дозволи ривалот. Тоа не е целта, некогаш играш убаво, а не го добиваш натпреварот. Утре очекувам добра игра, ама најважни се бодовите“, изјави Крстајиќ.

Натпреварот кој ќе се игра на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е закажан за утре со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...