Крстески: Жално е што пелагониско дерби се игра во Струмица

Капитенот на прилепска Победа, Александар Крстески верува дека неговиот тим пролетва ќе се избори за опстанок во прволигашката конкуренција. Пред неделниот старт на вториот дел од шампионатот, и дуелот против Пелистер во Струмица, Крстески е убеден во максималната подготвеност на екипата преку која ќе се стигне до позитивни резултати…

„Како искусен фудбалер сметам дека пријателските натпревари немаат некоја важност резултатски затоа што на нив тренерите ги пробуваат сите можни тактички замисли, системи на игра, пробуваат дали некој играч може да одговори и на друга позиција, има играчи на проба, нови играчи, екипите не се воиграни… Мислам дека добро се подготвивме пред продолжението од шампионатот. Факт е дека изминатава есен изгубивме доста бодови. Посебно беше напорно во вториот дел од полусезоната кога се играше среда-недела. Мое мислење е дека ние немавме толку широк ростер па теретот падна на мал број исти играчи. Не стигна заморот, тоа придонесе и за пад на концетрацијата и тое е една од причините по мене што загубивме неколку натпревари во последните 10-15 минути“ – вели Крстески дополнувајќи дека сега е зголемена и конкуренцијата во тимот, па опстанокот во лигата е реалност.

„Оваа полусезона ќе бидеме посилни кога се работи за играчкиот кадар. Ова поради тоа што дојдоа 6-7 квалитетни играчи така да се зголемува и конкуренцијата и за секоја позиција во тимот конкурираат по двајца играчи. Ние имаме една јасна цел а тоа е опстанокот во лигата. Убеден сум дека ќе ја оствариме оваа цел. Како што покажува и самиот изглед на табелата и екипите на Брегалница и Македонија па и Шкупи ни се директни конкуренти. Сите три екипи се засилија и направија добри подготовки. Несомнено ќе биде тешко на на крајот верувам дека ќе го обезбедиме тој толку посакуван опстанок“.

pobeda vuko karov

Пролетта стартува со пелагониско дерби против Пелистер. И повторно Победа нема да игра во Прилеп, впрочем така е цела сезона. Дуелот со Пелистер ќе се игра во Струмица-практично на неутрален терен, а формално Победа е домаќин.

„Ние се навикнавме секој натпревар да го играме на страна. Се разбира дека тоа е еден голем хендикеп кога играш на различни терени и нон-стоп си гостин, а не играш пред прилепската публика. Но што е тука е, работите се такви какви што се и најмалку зависат од нас фудбалерите. Треба да се издржи оваа ситуација. Треба да се одигра уште едно дерби на Пелагонија на хартија на наш терен а во реалност на гостински терен, далеку од дома во Струмица. Што се однесува до екипата на Пелистер мислам дека е доста квалитетна. Има доста добар и широк ростер на играчи и со игрите и резултатите есеноска се издвоија како трета екипа во лигата. Но самиот факт дека се работи за пелагониско дерби мислам дека дополнително ќе не мотивира да дадеме максимум од своите можности да го изненадиме противникот. За нас пролетва нема да има лесни и тешки натпревари. На сите треба да играме на победа. Со битолчани доста добро се познаваме и не очекувам некои посебни изненадувања. Сметам дека шансите се подеднакви на ова дерби. Доколку се даде максимумот и се исполнат задачите дадени од стручниот штаб мислам дека можеме да дојдеме до бодови во ова престојно дерби“ – вели Крстески порачувајќи до навивачите и натаму силно да ја бодрат Победа.

„На сите им е јасно дека Победа ги има најдобрите навивачи во Македонија. Тие секогаш се со нас и ни даваат подршка. Никогаш не не оставиле без нивната подршка без разлика каде и да играме. Но во оваа прилика посебно би сакал да упатам еден апел до навивачите дека сега оваа пролет нивната подршка на клубот се надевам и очекувам дека ќе биде уште поголема. Ова го велам затоа што имаме доста млади играчи на кои подршката од навивачите могу ќе им значи без разлика дали во дадени моменти имаме поволен или не дај боже неповолен резултат. Мораме сите заедно да се сплотиме, да смогнеме сили за да се остварат целите и задачите на клубот оваа сезона а тоа е опстанокот во Првата лига“ – вели капитенот на „црвено-белите“.

Се вчитува...