Крстевски: Го добивме Вардар на искуство, утре не чека тешка битка за одбрана на трофејот

Женскиот кошаркарски клуб МЗТ Скопје Аеродром утре ќе го брани трофејот од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ против екипата на Баскет Кам откако денеска во вториот полуфинален дуел го совлада тимот на Вардар со 64-69.

Тренерот на МЗТ Скопје, Горан Крстевски вели дека победата дошла на искуство, а утре ги чека тешка битка за одбрана на трофејот против фаворитот на турнирот, екипата на Баскет Кам.

„Како што предвидов, тежок натпревар. Мало надмудрување со колегата Ашаданов. Многу ми е драго што на другата страна видов дека колегата игра и со млади деца иако во толку тежок и важен натпревар за нивната сезона. Тоа ми е императив за наредната сезона што треба да го направиме со МЗТ. Инаку импресии од натпреварот, можеби победивме на искуство, на првата петорка, искористивме некои мали шанси во бонусот. Мали поени кои на крај беа баш тие кои ја одлучија победата“ – истакна по денешното финале Крстевски, искажувајќи ги очекувањата за утрешното финале.

„Утре не чека фаворитот на овој турнир. Од она што го видов играа многу брза кошарка, тие шест-седум девојки кои играат повеќе години заедно и во клубовите и во репрезентацијата, многу добро се познаваат меѓу себе. Ги предводи одличен тренер, Жаклина Стојановска. Ќе се обидеме да парираме и да го одбраниме пехарот. Дојдовме до финалето, предавање нема. Имаме малку време да се подготвиме за утре и ќе се обидеме да направиме изненадување“ – заклучи Крстевски.

Се вчитува...