Крстиќ наместо во Фени, заврши во Карпош соколи

Немања Крстиќ ќе ја продолжи својата кариера во Македонија, но не во редовите на Фени индустри како што беше најавено во текот на викендот. Иако српскиот крилен кошаркар имаше потпишано и преддоговор со кавадарчани, тој во последен момент го промени својот став и реши да му се приклучи на составот на Карпош соколи.

„Соколите“ беа во потрага по нов кошаркар по тешката повреда на Зоран Вркиќ, за кого оваа сезона е завршена поради проблемите со лигаментите на коленото, а тренерот Николиќ експресно го договори доаѓањето на Крстиќ. Станува збор за поранешен играч на Игокеа, кој до декември настапуваше во АБА-лигата во дресот на Морнар, за од денеска и официјално да му се приклучи на вториот македонски претставник во регионалното натпреварување.

На потег сега се челниците на Фени индустри, кои ќе треба одново да почнат потрага по нов крилен кошаркар што би ја засилил крилната позиција во таборот на кавадарчани.

Се вчитува...