Кукоч извиси и осми пат: Повторно не е избран во „Куќата на славните“

Хрватската кошаркарска легенда, Тони Кукоч оваа година ја имаше осмата можност за место во „Куќата на славните“ во НБА, но повторно остана без избор од страна на Интернационалниот одбор. Оваа година, можеби, и најспорно досега.

Во „Куќата на славните“ веќе има четворица Хрвати, Крешимир Чосиќ, Дражен Петровиќ, Мирко Новосел и Дино Раѓа, а тука се и Владе Дивац, Никос Галис, Арвидас Сабонис, Дикембе Мутомбо, Јао Минг, Оскар Шмит… Голем број имиња покрај кои, без сомнение, ако се погледне неговата кариера место заслужува и Кукоч. А, речиси и да нема кошаркар, актуелен и поранешен, кој не смета дека местото му е во „Куќата на славните“.

„Дефинитивно тоа го заслужува. Беше важна алка од нашиот тим. Некои работи врзани со Куќата на славните помалку ме шокираат. Гледам како влегуваат типови од кои Тони Кукоч имаше далеку подобра кариера. Ми се чини дека некои наши соиграчи од тоа време не добиваат доволно признание затоа што играа со Мајкл Џордан и со мене. Но, тие луѓе секако се победници“ – вели легендарниот Скоти Пипен.

Кукоч е трикратен НБА шампион, еднаш и најдобар шести играч на годината во НБА а плус и петкратен најдобар европски кошаркар. Трипати ја освои Евролигата, а освојувач на бројни медали со селекциите на поранешна СФРЈ и потоа со Хрватска.

Се вчитува...