Кукуловски кариерата ја продолжува во Србија

Поранешниот македонски репрезентативец Дејан Кукуловски ја продолжува својата кариера на меѓународна сцена.

Српскиот клуб Металопластика Шабац денеска официјално го потврди потписот со македонскиот бек, најавувајќи го како супер засилување за претстојната сезона.

Кукуловски синоќа го одигра својот последен натпревар во дресот на РК Охрид, со што стави крај на успешната епизода во македонскиот шампионат. Неговиот нов клуб, кој во својата историја двапати се искачи на европскиот трон, веднаш ја соопшти веста за трансферот и изрази големи очекувања од ангажманот на искусниот бек.

„Нашиот клуб продолжува со формирање на силен и конкурентен состав за највисоки дострели, а ангажманот на 27-годишниот бек носи дополнителна острина во нападот и цврстина во дефанзивната линија на тимот. Со висина од речиси два метри, Кукуловски претставува класична закана од бековската позиција и профил на играч кој совршено се вклопува во нашиот систем на игра.

Дејан, добредојде во Шабац – градот на ракометот!“, велат од српскиот клуб.

Се вчитува...