Кулминација на најчудната сезона во Лигата на шампионите

Во период од само 11 дена ќе бидат одиграни седум натпревари заклучно со финалната битка за престижниот трофеј. Вака скратено се опишува најчудното издание на фудбалската Лига на шампионите во историјата. Лисабон е центарот на случувањата. УЕФА го избра овој град наместо Истанбул за каде беше закажано финалето за да ги поштеди екипите од патувања преку целиот континент во крајно специфична ситуација поради светската пандемија на коронавирусот.

УЕФА реши решавачката фаза од ЛШ да биде одиграна на турнир со скратен број натпревари бидејќи процени дека тоа е најдобриот начин за заштита на фудбалерите и на сите инволвирани на натпреварите. Системот на завршен турнир секако го користат и Евролигата и Лигата на шампионите во ракомет и во вообичаени услови додека системот на завршен турнир во заштитен „меур“ го избра сезонава и НБА лигата.

Осумте екипи учеснички во четвртфиналната фаза која првпат ќе биде со само еден натпревар се во „био-заштитени балони“, секоја сместена во посебен хотел на околу по 40 километри од центарот на градот. Фудбалерите се буквално блокирани таму. Не смеат да излегуваат ниту да се движат низ Лисабон.

На стадионите ќе доаѓаат со маски и ракавици, но дефинитивно најчудниот дел ќе биде тоа што стадионите ќе бидат тивки. Нема навивачи, мирен ќе биде Лисабон кој инаку важи за еден од најдинамичните и најживите градови во Европа.

Првиот четвртфинален натпревар е закажан за вечерва. Се среќаваат Аталанта и Пари Сен Жермен, утре ќе се соочат Лајпциг и Атлетико Мадрид, в четврток во дербито на оваа фаза Барселона и Баерн Минхен и на крај Манчестер Сити и Лион. Полуфиналните мечеви се предвидени за 18. и за 19. август. Кулминацијата е на 23. август за кога е закажано финалето.

Се вчитува...