Претседателот на Спортинг Лисабон, Бруно де Карвалјо, ги суспендираше фудбалерите кои денеска одбија да тренираат, откако се почувствуваа навредени од неговиот критички став за поразот од Атлетико Мадрид во Лигата на Европа. Тие побараа претседателот да дојде и да ги погледне в лице, а откако Бруно де Карвалјо не се појави во соблекувалната, одбија да истрчаат на тренинг. Но, тоа може да биде и кобно за нив, затоа што веднаш заработија суспензија. Меѓу суспендираните е и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој беше во тимот што беше дел од Лигата на Европа, иако не настапи против Атлетико Мадрид.
„Овие фудбалери размислуваат како мали деца, но овојпат моето трпение заврши за сите кои мислат дека се над клубот“, изјави Бруно де Карвалјо, откако им изрече суспензии на 19 фудбалери.
В недела Спортинг Лисабон треба да игра против Пакош Фереира на домашен терен во првенството на Португалија, а в четврток го пречекува Атлетико Мадрид во реванш дуелот од четвртфиналето во Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА