Куман ги носи Мемфис Депај и Дони ван де Бек за новата Барса

Холандскиот стратег Роналд Куман ја доби тешката задача да го реформира составот на Барселона кој неславно ја заврши оваа сезона, без освоен трофеј и со понижување од Баерн Минхен (2-8) во Лигата на шампионите. Неизвесно е дали и Лионел Меси ќе остане на „Камп Ноу“, но Куман има јасна стратегија како сака да изгледа неговиот нов тим. Ќе има холандска крв.

Мемфис Депај и Дони ван де Бек се освежувањата што Куман ги посакува на „Камп Ноу“. Депај треба да го засили нападот, а покажа дека е играч од врвна класа и во Лион. Не се снајде најдобро претходно на „Олд Трафорд“ во дресот на Манчестер Јунајтед, но Куман смета дека сега Депај е многу позрел и поискусен за да одговори на предизвикот во голем европски гигант.

Втората желба на Холанѓанецот е сонародникот од тимот на Ајакс, Дони ван де Бек. Тој беше и на радарот на Реал Мадрид, но во два преодни рока „кралскиот клуб“ никако да го комплетира трансферот. Сега би можел да пристигне во Шпанија, но кај најголемиот ривал на Реал.

Ќе има многу заминувања од Барселона, па согласно тоа Куман ќе ангажира и други фудбалери. На каталонскиот состав му е потребно значително реформирање.

Се вчитува...