Куман изненади со одлуката за Кутињо

Ова се среќни неколку дена за Филипе Кутињо, кој пред два дена стана европски шампион со Баерн Минхен, а синоќа доби добра вест и од новиот тренер на Барселона, Роналд Куман. Холандскиот стратег го искористи вчерашниот ден за разговор со фудбалерите чија иднина во клубот „виси“, но за разлика од Суарез, Видал, Ракитиќ и Умтити, новиот тренер на Барселона решил да го задржи Кутињо во тимот за наредната сезона.

Телефонскиот разговор со Луис Суарез траел неполна минута, но кога станува збор за Кутињо, Куман издвоил повеќе време и го убедил поранешниот ас на Ливерпул дека за него ќе има место во тимот на Барселона. Холанѓанецот дефинитивно има високо мислење за бразилскиот плејмејкер, кој би можел да добие уште поголема слобода во играта доколку се реализираат најавите за заминување на Лионел Меси.

Кутињо по огромниот успех со Баерн Минхен добил една недела одмор и веднаш заминал за Бразил, а во текот на следната седмица ќе се врати во Барселона, по што во зависност од протколите (дали ќе мора да мине извесно време во карантин) ќе му се стави на располагање на Куман.

Се вчитува...