Барселона триумфираше со 0-2 на гостувањето против Севилја, прекинувајќи ја серијата од шест победи на тимот од Андалузија во Ла Лига. Роналд Куман се реши за коренити промени во тактиката, па мечот го почна во формација 3-5-2, а Гризман не влезе во игра во текот на целиот меч, одлуки што се покажаа како вистински потег од страна на стратегот на Барса.
Тандемот Меси – Дембеле функционираше беспрекорно во првото полувреме, па Французинот го постигна првиот гол на мечот на асистенција на аргентинскиот генијалец. Дембеле се обиде да ја возврати услугата на почетокот од вториот дел, но по неговиот одличен продор и несебичната асистенција Меси сепак биеше над гредата.
Лопетеги направи дури пет замени во второто полувреме, но Севилја делуваше немоќно, Барса целосно го контролираше мечот и до крајот постигна и втор погодок, кога Меси во завршницата стави точка на мечот.
Црна дамка за каталонскиот гигант остануваат повредите, откако Пике, Араухо и Педри сите побараа да бидат заменети во второто полувреме и сега ги очекува извесен период надвор од терените.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА