Куман: Не ме интересира што се жалат од Реал, тоа е нивен проблем

Тренерот на Барселона, Роналд Куман истакна дека каталонскиот клуб не се откажал од титулата во Ла Лига, иако е свесен дека не зависи сè од неговиот тим. Барселона во вторник го игра натпреварот од 36. коло во Ла Лига против Леванте.

Каталонскиот клуб во моментов е трет на табелата, со два бода помалку од водечкиот Атлетико Мадрид.

„Ќе се бориме до последен момент да ја освоиме титулата. Не е сè во наши раце, но знаеме дека не смееме да погрешиме“, рече Куман.

Новинарите беа заинтересирани дали тренерот на Барселона го гледал натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Севилја (2-2).

„Гледав 20 минути, после тоа ги гледав Милан и Јувентус. Нервозен сум кога гледам натпревари од домашното првенство. Претпочитам да гледам други натпревари, а потоа да го погледнам резултатот на крајот,“ изјави Куман.

По тој натпревар најмногу се зборуваше за пеналот досуден за Севилја, откако Едер Милитао играше со рака во шеснаесетникот.

„Ако се жалат од Реал, тоа е нивен проблем. Понекогаш судиите се сомнителни. Ние, тренерите и играчите, веќе не знаеме кога се досудува пенал откако некој ќе ја допре топката со рака. Не е проблем само во Шпанија, тоа се случува и во други лиги“, заклучи холандскиот тренер.

Се вчитува...