Куман пресече: Суарез се пакува и си оди од Барселона

Луис Суарез неодамна се пожали на третманот во Барселона порачувајќи дека некој треба директно да му каже доколку е непожелен во клубот. Одговорот стигна експресно, новиот тренер Роналд Куман утрово телефонски разговарал со уругвајскиот голгетер, ставајќи му до знаење дека не е дел од неговите планови за наредната сезона.

Каталонските медиуми информираат дека разговорот траел премногу кратко, со оглед на ставот на Куман да ја „реновира“ навалната линија, а Суарез да биде првиот што ќе си замине од „Камп Ноу“. Пораката до Уругваецот била јасна и децидна, па за очекување е во наредните две седмици да се интензивираат преговорите за негово заминување од клубот.

Барса ќе бара околу 30 милиони евра за Уругваецот кој има уште една година од актуелниот договор, па интересно ќе биде да се види кои клубови ќе се вклучат во трката за ангажман на овој искусен голгетер.

Луис Суарез пристигна во Барселона пред шест години од редовите на Ливерпул, во трансфер вреден 80 милиони евра. Тој одигра 283 средби за каталонскиот гигант, постигнувајќи 198 погодоци, со што е трет најдобар стрелец во историјата на клубот.

Се вчитува...