Кумановки декласирани во првиот настап во Челинџ купот

Ракометарките на ЖРК Куманово со пораз стартуваа во европскиот Челинџ куп. Кумановки загубија од холандскиот Геониус со 15-39 во првиот натпревар од 3.коло во ова натпреварување. И денешниот прв меч и утрешниот реванш од овој дуел се играат во Куманово, но со оглед на негативата, ЖРК Куманово и покрај предноста на домашниот терен, останува само со теоретски шанси за пласман во следната рунда.

Гостинките од Холандија уште на стартот ја презедоа иницијативата и брзо направија недостижна предност. По првите 20 минути од натпреварот, Геониус веќе имаше водство од 4-11. До крајот на првиот дел Холанѓанките стигнаа и до двоцифрена предност и на одмор заминаа со водство од 8-19.

Негативата од 11 гола дефинитивно, беше недостижна за домашниоте ракометарки, па второто полувреме беше само рутински дел од работата за холандскиот претставник. На десетина минути пред крај, гостинките стигнаа и до +20 (14-34). Геониус на крај славеше убедлива победа со која практично, веќе го обезбеди пласманот во следната рунда од Челинџ купот. Останува Холанѓанките тоа формално да го заверат на реваншот утре со почеток во 17 часот.

Најефикасни во составот на ЖРК Куманово беа Јована Кипријановска со четири и Сања Дабевска со три гола. Росане Биџерс со осум гола го предводеше холандскиот претставник.

Откако ЖРК Вардар се откажа од настапот во Лигата на шампионите во европските ракометни купови во женска конкуренција останаа три македонски претставници. ЖРК Металург одигра само едно коло и го заврши настапот во ЕХФ Купот,  а во 3.коло во Ќелинџ купот стартуваат ЖРК Куманово и ЖРК Пелистер кој утре на Малта го игра првиот меч против Ла Сал.

Се вчитува...