Кумановки со стил до куп-трофејот, Вардар имаше сили само за едно полувреме

Ракометарките на Куманово се освојувачки на Купот на Македонија, откако во денешното финале во салата Автокоманда го декласираа Вардар со убедливи 26-18. Кумановки беа бранителки на трофејот освоен пред две години на домашен терен, а денеска успеаја да стигнат до победата откако во второто полувреме целосно го скршија отпорот на „вардарки“.

Кумановки влегоа како фаворитки во ова финале, со оглед на фактот дека оваа екипа е и лидер во првенството, но првите триесет минути донесоа сериозен отпор од страна на противникот. Вардар подобро го отвори финалето и поведе со 1-3, но набрзо потоа бранителките на трофејот ја презедоа контролата над резултат, направија пресврт и на одмор заминаа со водство од 12-9. „Вардарки“ на стартот од второто полувреме намалија на еден гол негатива, но потоа следеше фантастична серија на кумановските ракометарки, кои резултатски се одлепија, стигнаа и до двоцифрена позитива, за на крајот да стигнат до триумф со осум гола разлика.

Најефикасни во таборот на Куманово беа Јануловска со шест гола, Трајковиќ постигна четири погодоци, а голманката Митровиќ имаше осум интервенции.

Се вчитува...