Куманово е неосвоиво и за лидерот Пелистер

Кошаркарите на Куманово стигнаа до нова значајна домашна победа откако триумфираа над лидерот Пелистер со резултат 81-73. Охрабрени по убедливиот триумф над Работнички на последниот домашен меч, кумановци и вечерва одиграа на високо ниво, успевајќи да стигнат до значајна победа со која си ги зголемија шансите во трката за место во плејофот.

„Сино-белите“ беа подобар противник во голем дел од натпреварот, на одмор заминаа со водство од 39-32, а во третата четвртина имаа и најубедливи тринаесет поени разлика (57-44). „Пелистерци“ не се предадоа, конечно проработе нивниот напад кон крајот на третата и почетокот на четвртата четвртина, па битолчани за момент успеаја и да поведат преку Малешевиќ, кој максимално профитираше по неспортската лична грешка на Ливингстон.

Можеби се очекуваше лидерот фуриозно да го доврши мечот, но кумановци се вратија кога беше најважно, ги искористија своите шанси во завршните пет минути од мечот и на крајот заслужено триумфираа со 81-73.

Ливингстон беше клучна фигура во таборот на кумановци со 28 поени, додека центарот Андрејевиќ оствари дабл-дабл од 14 поени и 11 скокови. Кај Пелистер најефикасни при денешниот пораз беа Кесар со 25 и Малешевиќ со 17 поени.

Се вчитува...