Куманово го „преплива“ Вардар за шесто место на табелата

Куманово со победа од 112-78 над Вардар во последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната ја завери шестата позиција на табелата во пресрет на разигурвањето за титула на домашната сцена. Избраниците на Јованчев одиграа одлични 20. минути со кои на полувремето заминаа со предност, но Куманово во вториот дел од натпреварот ја стабилизираше одбраната со што опадна високиот процент на реализација кај гостите, а тоа го искористија играчите во „сино-бело“ преку брзата транзиција за на крајот да забележат и убедлива победа.

Натпреварот започна со одличен напаѓачки ритам во кој подобро се снајдоа гостите. Избраниците на Јованчев најдоа решение во рекетот на домаќинот, беа „перфектни“ и во шутот за три поени (3/3), за разлика од Куманово кој и покрај тоа имаше одличен проток на топката, големиот број на грешки ги чинеше по 10. минути игра да имаат негатива од 22-27. Доброто темпо на натпреварот продолжи и до крајот на првото полувреме. Куманово бргу ја врати резултатската неизвеност, но Вардар имаше подобар финиш на првите дваесет минути па успеа да ја зголеми позитивата на +7 (45-52).

Вардар не успеа да го пренесе одличното шутерско темпо и на отварањето на второто полувреме. Тоа знаеја да го искористат избранците на Ѓорѓиевски кои преку брзата транзиција од минута во минута ја „топеа“ предноста на „црвено-црните“, а преку серијата на тројки на самиот истек на третата четвртина поведоа со 75-69. „Сино-белата“ доминација продолжи и на отварањето на одлучувачките десет минути, во кои преку серијата од 14-0, Куманово стигна до преност од дваесет поени со што беше одлучен победникот на денешниот натпревар. Кумановци не го намалија темпото, во последните десет минути постигнаа 37 поени, а дозволија само 9, со што на крајот стигнаа и до преубедлива победа.

Бранислав Џекиќ беше првото име кај Куманово со 29 поени и 11 скока, додека него го следеа Робев и Ливингстон со по 18 поени на кои Американецот додаде и 14 асистенции и 5 украдени топки. Диксон Дикембе беше предводник на Вардар со 26 поени, додека Михајло Богдановиќ натпреварот го заврши со 18 поени и 6 скока.

Се вчитува...