Поранешниот кошаркар на Мемфис Гризлис, Џош Шелби, денеска потпиша договор со Куманово и треба да биде огромно засилување за овој македонски прволигаш во претстојната натпреварувачка сезона. Новиот тренер Владимир Мирковски го „пикираше“ токму Шелби за суперзасилување за плејмејкерската улога, а управата на кумановци успеа да ги финишира преговорите и да го доведе овој кошаркар во своите редови.
Станува збор за играч кој бил дел од престижниот универзитет Канзас, а за време на настапите од НЦАА-лигата важел и за најголем талент во САД во својата генерација, пред Харисон Барнс и Кајри Ирвинг.
Кариерата на Шелби сепак не се движела во очекуваниот правец, тој беше избран во втората рунда од драфтот во 2011 година од Мемфис Гризлис, но не доби премногу шанси за докажување во дресот на „гризлите“. Беше испраќан во неколку екипи во развојната лига, две години подоцна замина во Кливленд Кавалирс, но потоа му беше раскинат договорот со овој клуб и замина во далечната Кина.
Американецот мина извесно време и во Европа, во 2014 година го носеше дресот на Цедевита, настапуваше и во Израел, а во Куманово пристигнува од далечната Кореја, каде беше еден од најдобрите странци во лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА