По вчерашното повлекување на, сега веќе, досегашниот финансиер на ФК Борец, Кочо Анѓушев, од клубот, со свој став се огласи и претседателот на Синдикатот на фудбалери на Македонија, Панче Ќумбев, кој повика, во интерес на велешкиот прволигаш, да не се дозволи заминување на фудбалерите како би останала во живот и најмалата можност наредниот период да се обезбеди финансиска рамка за опстојување до крај на сезоната.
„Иако не сум со никаква функција во Фк Борец, со никаква функција во ОФС Велес апелирам и замолувам. Ако веќе постоечкиот спонзор на ФК Борец решил од негови лични причини да се откаже од клубот (клубот е акционерско друштво, и не знам како некој ќе се откаже од она што е негово 100% во акции) замолувам да не ги ослободува играчите на ФК Борец од обврските кон клубот затоа што имаат важечки договори. Да му се даде време на градот, клубот и луѓето што го сакаат Борец да се пронајде решение да се излезе од оваа ситуација. ФК Борец оваа година има ваучер од државата од преку 100 илјади евра, и со тие пари постоечкиот фудбалски кадар може да функционира до завршување на сезоната. Ако моменталниот спонзор го сака Борец нема да им дава на играчите слободни документи и без обештетување да заминат од клубот. П.С. Луѓето што работеа во Борец (до пред 3 години во ФК Гемиџии) до сега за пари, очекувам и сега да работат во Борец за без пари оти нели Борец е Велес а Велес е Борец. Борец не се сака само на зборови и кога има пари, Борец се сака и кога е во криза и во проблеми“ – вели Ќумбев во своето обраќање.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА