Куп 2021: Фаворитот Бадел 1862 на мегдан со „предизвикувачот“ Крива Паланка

По едногодишна пауза Купот на Македонија се враќа во етерот овој викенд на „Кале“ каде во женската конкуреција силите ќе си ги одмерат Бадел 1862 и Крива Паланка, односно Баскет КАМ и Вардар.

Во првиот натпревар кој ќе биде одигран во петок со почеток од 14 часот силите ќе си ги одмерат нашиот најтофеен клуб Бадел 1862 и Баскет КАМ, дуел во кој скопскиот тим влегува со улога на фаворит.

„Пред се би посакал добро здравје на сите екипи, добра игра и квалитетни натпревари. Нашата цел прво е пласман во финалето, а пред да се стигне до таму мора да се изигра полуфинале со Крива Паланка. Ќе сториме се да влеземе во тоа финале, ќе се подготвиме колку што имаме уште два-три дена и ќе дадеме се од себе. Во финалето се е можно. Посакувам најдобрата екипа да го освои пехарот“, изјави тренерот на Бадел 1862, Перо Стамевски.

„Баделки“ на овогодишното издание ќе се обидат да ја прекинат серијата од три титули во низа на градскиот ривал Вардар.

„Би сакала да им честитам на сите екипи кои обезбедија учество на турнирот, Како што кажа и Генералниот Секретар, мислам дека оваа година натпреварите, а и самиот квалитет ветува интересна кошарка. Самата Супер лига од натпревар во натпревар е со зголемен квалитет и сè поголема неизвесност. Не би сакала да издвојам фаворит бидејќи сите екипи ветуваат. Во име на мојата екипа можам само да кажам да гарантирам дека ние ќе дадеме се од себе и дека ќе се обидеме да го освоиме Купот“, изјави капитенот Сања Адамоска.

Крива Паланка е најмладиот тим во лигата, но и покрај тоа составот од истокот на Македонија не се предава и најавува битка во сите 40 минути против искусниот противник.

„Честитки до клубовите кои се пласираа на завршницата. Ние сме релативно млад клуб, но сме упорни и амбициозни и ова го постигнавме со работата од изминатите години. Голема благодарност до кошаркарките, моите соиграчи, но и особена благодарност до тренерите кои имаат трпение да го постигнат сето ова со нас. Благодарност и до нашите Мими и Маја кои ни помогнаа да се најдеме тука каде што сме сега и се надевам дека ќе нанижеме уште некој успех“, изјави капитенката на Крива Паланка, Ксенија Петревска.

Се вчитува...