Куп 2021: Прва пречка за одбрана на трофејот на Вардар е Баскет КАМ

Купот на Македонија во петок се враќа во етерот со полуфиналните натпревари во женската конкуренција. Први ќе разигруваат екипите на Бадел 1862 и Крива Паланка, додека од 17 часот ќе биде одиграно и големото дерби помеѓу Вардар и Баскет КАМ.

„Прво сакам да им честитам на сите екипи што постигнаа ваков резултат во оваа специфична сезона. Јас сум нов тренер во кошаркарскиот клуб Вардар и во релативно кратко време можам да кажам дека постигнавме една многу добра игра. Девојките се залагаат максимално и во последниот месец покажаа многу добра игра што ме радува. На првиот натпревар против Баскет Кам можам да кажам дека можеби имаат повеќе искуство на нивна страна со новите засилување, но од друга страна важно е да се знае дека не секогаш искуството победува. Мислам дека екипите што ќе покажат најмногу срце и залагање на теренот ќе победат. Им посакувам многу среќа на сите екипи и се надевам дека нашиот клуб ќе влезе во финалето и ќе го освои Купот“, изјави Јелена Антиќ.

Фаворизираниот Вардар на овогодишното издание ќе се обиде да го освои и четвртиот Куп трофеј во низа.

„Сакам да им честитам на сите екипи што стигнаа до завршниот турнир. Се надевам дека тоа што секоја екипа има нови засилувања дека ќе го извлече максимумот од натпреварите. Дека сите ќе покажат добра игра и дека ќе има добри и интересни натпревари за тие што ќе ги гледаат. Вардар како клуб ќе се обиде да даде се од себе и се разбира да го оправдаме тоа што сме освојувачи на Купот неколку години по ред. Се надевам, пред се, дека натпреварот од полуфиналето ќе биде интересен и секако се надевам на пласман во финале“, изјави Симона Деловска.

Едно од најпријатното изненадување во мак-баскетот оваа сезона е тимот на Баскет КАМ кој ќе се обиде да стигне и до првиот трофеј во својата историја.

„Со самото учество на овој турнир ние ја постигнавме својата цел и им овозможивме на нашите играчи  да го покажат својот квалитет во битка со најдобрите екипи од државата. Нашата екипа е подготвена и со вистински пристап кон играта и со квалитетот кој што го поседуваме, очекуваме добри резултати“, изјави тренерот на тимот“, Јордан Цветановски.

Составот од Македонска Каменица во својот ред има искусни кошаркарки кои знаат како е да играат на „големата сцена“.

„Честитки до четири екипи, а и огромна благодарност до федерацијата што и во вакви тешки услови ќе го организира Купот, а со тоа и нивото на женската кошарка во државата. Сите екипи заслужено се тука, верувам дека ние сме една од поквалитетните екипи и дека со труд и желба ќе го освоиме пехарот. Силно сме мотивирани и ќе го дадеме својот максимум во извојување на победите и со тоа да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Катерина Поп Димитровска.

Се вчитува...