КУП: Еуро Никел го декласираше Гостивар за место во полуфиналето

Еуро Никел со победа од 84-75 против Гостивар се пласираше во полуфиналето од Купот на Македонија. Избраниците на Самарџиев беа подобриот противник во текот на целата средба, одлично играа на двата дела од теренот и речиси во сите сегменти од играта го надиграа денешниот противник, а на крајот на третата четвртина имаа и предност од 30 поени.

Гостивар немаше одговор за играта во рекетот на Еуро Никел на отварањето на средбата каде доминираше Рикиќ. Добриот проток на топката на избраниците на Самраџиев носеше и отворени обиди од поле, па кавадарчани стигнаа до двоцифрена предност за шест минути игра (15-3). Избраниците на Јончевски не служеше шутот во првата четвртина, имаа само една погодена тројка од девет обиди, а „отпадоците“ ги користеа кавадарчани на спротивната страна за +15 (26-11) по првата четвртина. Добриот ритам на Еуро Никел продолжи и на отварањето на втората четвртина, кај кавадарчани проработе и шутот за три поени па стигнаа до најголемата предност од + 19 (37-18), но добриот ритам кавадарчани не го зачуваа до самиот крај на полувремето. Гостивар заигра далеку подобро во одбраната, ја зголеми агресивноста па со користење на изгубени топки на кавадарчани успеа да намали на 45-31 по 20. минути игра.

Добриот моментум на Еуро Никел со добра игра на двата дела од паркетот продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое кавадарчани стигнаа и до позитива од дваесет поени. Тајм-аутот на Јончевски за момент ги консолидираше редовите на Гостивар кој преку Тодоровиќ успеа да ја намали високата предност, но Соколов повторно блесна за својот тим и не дозволи „сино-белите“ да се надеваат на враќање во средбата. Кавадарчани го затворија рекетот, продолжија да го диктираат темпото и веќе до 30. минута стигнаа до предност од 74-44 со што беше решен победникот на средбата. Гостивар го искористи опуштањето во редовите на Еуро Никел и фантастично ја отвори последната четвртина со серија од 16-0, но сепак „будењето“ беше прекасно за загрозување на победата и целосен пресврт.

Целата почетна петорка на Еуро Никел забележа двоцифрен број на поени, а најрасположени беа Џексон Дубински и Данило Мијатовиќ со по 17 поени на кои Американецот додаде и 7 скока, додека Србинот натпреварот го заврши со 5 асистенции. По 14 поени забележаа Соколов, Караколев и Рикиќ на кои центарот додаде и 10 скока и 6 асистенции.

Ивица Димчевски го предводеше Гостивар со 19 поени и 5 скока, додека него го следеше Александар Тодоровиќ со 18 поени и 6 скока. Како двоцифрени натпреварот го завршија Николиќ со 14 поени и 5 асистенции и Костоски со 11 поени и 6 асистенции.

Се вчитува...