Куп: ФМП и ТФТ во битка за прво клупско финале, МЗТ Скопје против незгодниот Феникс

По вчерашните возбудливи четвртфинални натпревари, Купот Благоја Георгиевски – Буштур продолжува денеска со полуфиналните дуели помеѓу Академија ФМП и ТФТ, односно МЗТ Скопје и Феникс 2010.

„Академиците“ за пласман во полуфиналето го совладаа Еуро Никел, додека ТФТ уште еднаш докажа дека во Купот нема фаворити совладувајќи го досега непоразениот Пелистер. Ова е првиот натпревар кој ќе биде одигран денеска и истиот започнува од 17 часот, а на него не очекува возбудлива брза и атрактивна кошарка.

Од 19 часот и 30 минути пак актуелниот шампион МЗТ Скопје ќе се обиде да стигне до ново финале во својата историја, но нема да му биде лесно бидејќи за противник го има најпријатното изненадување во сезоната – Феникс 2010. Новалијата во дебитантскиот настап во престижното натпреварување запиша лесна победа над Работнички, за разлика од аеродромци кои одиграа трилер натпревар против Гостивар па ќе видиме колку „свежината“ ќе има улога на битката за финале.

Се вчитува...