Куп: Гостиварци целат кон титула

По натпреварите помеѓу Пелистер и ФМП, односно Работнички и ТФТ, богатата четвртфинална серија од Купот на Македонија кој од оваа година во чест на легендата на македонската кошарка ќе го носи името „Благоја Георгеивски Буштур“ ќе продолжи со средбата помеѓу Еуро Никел и Гостивар од 17 часот.

Купот е едно специфично натпреварување каде пресудно за место во финалето е долгата клупа, а токму тоа го знае и тренерот на гостиварци.

„Ја поздравувам идејата и одлуката овој Куп да прерасне во традиција со ликот на Благоја Георгиевски Буштур. Директорот кажа дека е чест да се носи тоа име, но претставува и обврска за сите нас да прикажеме добра игра. Се работи за специфично натпреварување. Тука предност ќе дадам на оние екипи кои имаат поширока клупа и на оние кои имаат македонски играчи во своите состави. Ги издвојувам МЗТ со шест репрезентативци, но не сакам да ги исклучам и играчите на Гостивар кои се поранешни репрезентативци кои верувам дека не го кажале последниот збор. Нормално се подготвуваме за Еуро Никел, немавме многу време за тоа од одигрување на последниот важен натпревар кој одлучуваше распоред на табела, но што е тука е. Мислиме дека, веруваме дека, можеме да направиме добар резултат, добра игра и секако пехар. Ќе биде тешко, но Гостивар во оваа сезона победи кој било противник така што со право веруваме дека можеме да го кренеме пехарот во недела“, изјави тренерот на Гостивар, Александар Јончевски.

Меѓусебените натпревари во регуларниот дел од сезоната му припаднаа на Гостивар, но во едно вакво Куп натпреварување нема фаворит.

„Околу натпреварот против Еуро Никел, имавме веќе две победи против нив во регуларниот дел, но искуствата во Купот велат нешто друго. Посветуваме повеќе време на детали овој период, детали кои ќе ни бидат важни на натпреварот. Се надевам на добра игра, да ги дочекаме и сабота и недела“, додаде капитенот Александар Костоски.

Се вчитува...