КУП: МЗТ Скопје со „стотка“ се пласираше во полуфиналето

МЗТ Скопје се пласираше во полуфиналето од Купот на Македонија откако го доби четвртфиналниот натпревар против Куманово со 100-84. Избраниците на Радуловиќ ја контролираа играта во поголемиот дел од натпреварот, одолеаја на расположените кумановци кои преку шутот за три поени во третата четвртина успеаја да ја вратат неизвесноста на мечот и закажаа дуел против Академија ФМП за ново финале во натпреварувањето.

МЗТ Скопје иницијативата ја превзема од самото отварање на мечот во кој преку агресивната одбрана целосно го наруши ритамот на Куманово. Избраниците на Радуловиќ стигнаа до лесни поени на спротивната страна на паркетот па брзо стигнаа и до двоцифрена преднсот, а истата да не биде поголема од +11 (24-13) по 10. минути игра се погрижи Ливингстон со своите „соло“ потези. Куманово ја стабилизираше својата игра и најде решение во нападот па успеа да ја намали негативата на 36-31, но не и да го задржи моментумот. МЗТ Скопје одговори со игра во противничкиот рекет каде го сведе Џекиќ на три лични грешки, а преку Бојиќ ја искористи предноста во висина па до полувремето ја зголеми предноста на 50-35.

МЗТ Скопје продолжи да го диктира темпото на натпреварот и во третата четвртина, во која преку течниот напад аеродромци постојано стигаа до отворени обиди. Во еден момент МЗТ Скопје имаше и предност од 69-53, но опуштањето и штедењето на силите за следниот натпревар добро го искористи Куманово кој долго време се одржуваше во игра преку шутот за три поени, а потоа најде и решение во рекетот на аеродромци и намали на 73-67 пред одличувачката четвртина. МЗТ Скопје се мачеше да ја пробие зоната на Куманово, шутот за три поени не ги служеше аеродромци, а тоа го искористи Куманово за преку Ливингстон да се приближи на 79-77.

Тајмаутот на Радуловиќ вроди плод, играта „два на два“ помеѓу Гравет и Бојиќ донесе решение во нападот, агресивната одбрана над Ливингстон создаде проблеми во организацијата на нападот кај избраниците на Ѓорѓиевски па МЗТ Скопје ја врати „комотната“ предност. Аеродромци продолжија да го штитат рекетот од продорите на Ливингстон, шутот за три поени повторно потфрли кај Куманово, а точка на натпреварот стави капитенот Стојановски кој со две тројки донесе двоцифрена предноста за својот тим од која Куманово не успеа да се врати во мечот.

Дамјан Стојановски го предводеше МЗТ Скопје со 20 поени и 5 скока, Хасани Гравет додаде 16 поени и 7 асистенции, додека нив ги следеше Бојиќ со 15 поени и 7 скока. Како двоцифрени натпреварот го завршија и Мекиќ со 14 поени и 4 скока, како и Крстевски со 13 поени.

Отис Ливингстон беше прво име во редовите на Куманово со 27 поени и 8 асистенции, 18 поени и 4 скока додаде Марковски, додека со 12 поени мечот го заврши Глигоријевиќ.

Се вчитува...