КУП НА МАКЕДОНИЈА: Струга по пенали го елиминираше Работнички, Вардар падна во 92. минута, Пелистер прокоцка предност од два гола

Академија Пандев, Шкендија, Македонија ЃП, Шкупи, Силекс, Беласица, Ренова и Струга Трим Лум обезбедија пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија по денешните победи во осминафиналните пресметки од најмасовното домашно клупско натпреварување.

Во најинтересниот натпревар Академија Пандев славеше против Вардар со 1-0 со погодокот на поранешниот „вардарец“ Никола Серафимов кој во 92. минута погоди за триумф на „пандевци“.

Шкендија триумфираше против второлигашот Гостивар со 1-0, благодарение на голот од пенал на Тотре во првото полувреме.

Шкупи, пак, убедливо славеше против Кит Го со 5-0. Бианор Нето уште во 3. минута го доведе Шкупи до водство, а веќе во 5. минута Билали од пенал зголеми на 2-0. Во 25. минута, по нафрлувањето од левата страна, и Глишиќ од непосредна близина непречен од никого се запиша во листата на стрелците за 3-0, а во 37. минута и Адеми погоди за 4-0. Конечните 5-0 ги постави Гоудијаби во 51. минута од средбата.

Голманот на Беласица, Димитар Ѓоргиев е најзаслужниот за пласманот на Беласица во четвртфиналето. Струмичани победија во Штип против Брегалница со 0-1 со голот на Робсон Да Силва во 50. минута, но Ѓорѓиев одлично бранеше на натпреварот овозможувајќи триумф за својот тим. Одбрани и пенал во 2. минута по ударот на Мартин Стојанов, а потоа одлично интервенираше и при шансите на Наумов, Дарко Стојанов, Ацковски…

Убедлив триумф запиша и Македонија ЃП од 6-0 против Каменица Саса, додека Силекс со 1-3 триумфираше на гостувањето против Кожуф во Гевгелија.

Пелистер на гостински терен, на дуелот кој се играше во Голема Речица, пропушти 0-2 против Ренова која со два гола во 83. и во 90. минута се избори за пенали. Па, по ударите од белата точка „гипсарите“ успеаја да бидат подобри и да ги елиминирааат битолчани.

 

По изведувањето на пеналите пласман во четвртфиналето избори и Струга Трим Лум откако во регуларниот дел мечот со Работнички во Струга заврши без голови. Стружани во пенал-рулетот триумфираа со 4-3 по шест изведени серии.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ОСМИНАФИНАЛЕ
АК. ПАНДЕВ – ВАРДАР 1-0
ШКЕНДИЈА – ГОСТИВАР 1-0
БРЕГАЛНИЦА – БЕЛАСИЦА 0-1
СТРУГА ТЛ – РАБОТНИЧКИ 0-0 (пен: 4-3)
ШКУПИ – КИТ ГО 5-0
РЕНОВА – ПЕЛИСТЕР 2-2 (пен: 5-4)
МАКЕДОНИЈА ЃП – КАМЕНИЦА САСА 6-0
КОЖУФ – СИЛЕКС 1-3

Се вчитува...