Куп-трофејот добива нов „газда“: Капитените Захов и Вареловски се убедени во историја за себе!

Тиквеш и Воска Спорт утре од 19 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе се соочат во 31-то финале од Купот на Македонија. За првпат во својата историја двата тима во битка за нов сопственик на куп-трофејот.

Капитените и на двата тима се убедени дека токму тие се подготвени за историја на радост на своите навивачи. Капитен на Воска Спорт, Костадин Захов има повеќе вакви натпревари кои значат трофеј во својата кариера, но признава дека ова е едно сосема поинакво искуство со една млада домашна екипа која за експресно кратко време од своето постоење дојде и до експресен успех.

„Очекувам добар натпревар. Тиквеш е квалитетна екипа, играат офанзивен фудбал и заслужено се тука. Ние исто така имаме свои очекувања од мечот за титула. Многу е поинаку од моите претходни искуства во вакви натпревари. Веројатно и многу поголем предизвик. Се надевам дека ќе успееме да стигнеме до пехарот. Блиску сме до пехарот, но треба и да се одигра финалето на најдобар можен начин” – истакна Захов на денешната прес-конференција.

Сосема еднакво е размислувањето и на капитенот на Тиквеш, Александар Вареловски.

„Тиквеш има голема традиција, а сега првпат ќе играме и во финалето на Купот. Ќе дадеме се од себе, па и повеќе од тоа, за да слави цело Кавадарци. Moже само да претпоставите што ќе биде во Кавадарци ако утре вечер го однесеме пехарот. Подготвени сме, имаме позитивен притисок и навистина се надевам дека победа во финалето ќе биде круна на успешната сезона“ – вели Вареловски пред утрешниот натпревар.

Се вчитува...