Куп-трофејот остана црвено-црн: Вардар го реши Еурофарм Пелистер во Охрид

Вардар го одбрани трофејот во Купот на Македонија откако во големото финале денеска во салата „Билјанини Извори“ во Охрид славеше над Еурофарм Пелистер со резултат 26-25. „Црвено-црните“ настапија сериозно ослабени, без Дејан Манасков, но и во отсуство на вообичаено најдобриот стрелец „вардарци“ одиграа доминантно, го контролираа резултатот од почеток до крај и заслужено стигнаа до победата. За Вардар ова е 16. куп-трофеј во клупската историја, додека „пелистерци“ не успеаја да го прекинат постот без овој пехар што трае веќе 18 години.

Почетокот мина во знакот на Вардар, „црвено-црните“ поведоа со 2-0, Еурофарм Пелистер пет минути не можеше да постигне гол, а само одличниот Кизиќ беше заслужен што бранителот на трофејот не стигна до уште поубедлива предност на почетокто од овој финален дуел. Кисум со еврогол за првпат го совлада Томовски во финалето, но по головите на Талески и на Аларов и водството на Вардар од 4-1, стручниот штаб на битолчани беше принуден да побара тајмаут.

Советите не вродија со плод, па Вардар во 14. минута преку Георгиевски поведе и со 8-3, а проблем плус за „пелистерци“ беше повредата што ја заработи пивотот Васиљев. „Пелистерци“ намалија на три гола разлика, но Вардар со два гола на Карапалевски се врати на „плус пет“ (13-8). Недановски побара тајмаут при водство на неговиот тим од 14-10, а на одмор се замина со предност на Вардар од 16-12, по прекрасните погодоци што во последните триесетина секунди ги постигнаа најпрвин Моралес, а потоа и искусниот Гоце Ојлески, кој од крило мајсторски стрелаше во горниот агол од голот на Борко Ристовски.

Вториот дел почна со подобра игра на битолчани, кои набрзина ја преполовија негатива (17-15, 18-16). Одбраната на чело со голманот Лесјак функционираше далеку подобро отколку во првите 30 минути, па битолчани со голот на Пешевски со 42. минута стигнаа на само еден гол негатива (19-18). Дутра и Талески постигнаа важни голови со кои „црвено-црните“ си го вратија удобното водство, поведувајќи со 24-19 в 48. минута, кога младиот Марко Стојановски погоди од лево крило. Еурофарм Пелистер не се предаде, Кизиќ се врати на голот и имаше одлична интервенција, а на спротивната страна Танкоски постигна два гола во нападот и битолчани набрзина намалија на два гола разлика (24-22).

Суси погоди од пенал за 24-23, но Вардар во своите редови го имаше одличниот Филип Талески, кој испрати проектил од десет метри што заврши во мрежата на Кизиќ, за водство од 25-23 на шест минути до крајот. Борко Ристовски му одбрани зицер од крило на Ојлески, по што Дутра со својот седми погодок донесе нови „плус три“ за Вардар (26-23), резултат при кој битолчани го побараа својот последен тајмаут во големото финале.  Пелистер покажа карактер, не се предаде, па на нешто повеќе од минута до крајот битолчани повторно додјоа на само еден гол негатива (26-25), откако Цветан Кузманоски погоди од крило. Недановски побара тајмаут, Вардар умешно го потроши времето пред да ја загуби топката на десетина секунди до крајот, но „пелистерци“ не се снајдоа во самиот финиш, Моралес направи рутински прекршок на самиот крај, по што Атанасијевиќ беше непрецизен при последниот „слободен удар“ од 12 метри.

Моралес и Дутра со по седум погодоци беа најефикасни во таборот на Вардар, пет реализираше Талески, додека најдобри поединци кај Еурофарм Пелистер беа Суси и Хосни со по пет гола.

Се вчитува...