Кадетската репрезентација на Македонија славеше со 33-18 над Бугарија на премиерниот меч од светскиот шампионат во училишен ракомет што се одржува во Скопје, но селекторот Горан Кузманоски гласно проговори за несериозниот пристап на „црвено-жолтите“ во првите триесетина минути.
Ова пред се се однесува на првото полувреме во кое Македонија имаше само три гола предност (11-8), за во вториот дел, штом пристапот беше променет нашите кадети да се одлепат посериозно и на крајот да слават со убедливите „плус 15“.
„Едно лошо прво полувреме. Не беше лошо како полувреме, но пристапот беше лош, а кога се работи за една млада селекција не смее да се дозволи да го бираме противникот дали е добар или лош. Мора да бидеме конкретни во текот на целиот меч. Ни се случува два-три пати со послаби репрезентации каде што отвораме некако потешко, а потоа доаѓаме до посериозен резултат со поголема разлика, но како и да е можеби подобро работите сега да се случуваат да имаме увид за понатака да ги средиме што е можно побрзо. Без разлика што беше Бугарија, една школска екипа, покажаа дека знаат да играат ракомет. Нас ни следат уште три меча, тоа се Грузија, Република Српска и Саудиска Арабија. Секој противник треба да го гледаме со респект. Знаеме дека тие се дојдени со репрезентативни состави и ние ќе го дадеме максимумот, иако доаѓаме од медитеранско првенство, преовладува мал умор, имаме и двајца-тројца играчи со вирус и еден повреден, но тоа не значи дека треба да бараме алиби“, истакна Кузманоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

