Кузмановски: Имав доволно трпение, сега си заминувам од Металург

Филип Кузмановски потврди дека побарал предвремено раскинување на договорот и дека многу веројатно, си заминува од Металург. Капитенот не отпатува со клубот на гостувањето кај Мешков Брест во вториот натпревар од регионалната СЕХА лига и од РФМ побара раскин на договорот поради неисплатените плати од клубот. Вели дека после пет месеци без плата, не гледа друго решение.

„Поднесов барање во РФМ за раскинување на договорот со Металург и сега чекам одговор. Жал ми е што си одам од Металург, сакав да го одработам овој договор до крај. Им дадов многу шанси да се средат работите како што треба, чекав пет месеци. Останав во клубот и кога сите си заминаа и сакав да ја одиграм и оваа сеозна во Металург. Имав трпение и се надевав дека ќе се реши ситуацијата. Разговарав и со газдата Минчо Јорданов, но не успеавме да се договориме и му кажав дека од РФМ ќе побарам раскинување на договорот и секој да си ги бара своите права. Го информирав и тренерот Данило Брестовац…“ – вели Кузмановски за ЕКИПА.

Тој истакнува дека проблемот во Металург трае веќе подолго време и дека како капитен во повеќе наврати барал да бидат исполнети обврските кон играчите. Но, проблемот и долговите останале нерешени.

Не сум само јас, Металург им должи плати и на другите играчи. Како капитен побарав да се решат работите и да биде фер за сите. Овој проблем не е од сега, имавме трпение, но се има граница“ – вели капитенот.

Кузмановски од следната сезона се сели во Магдебург со кој веќе има постигнато договор. Но, засега се уште останува неизвесно каде ќе ја одигра претстојната сезона, по заминувањето од Металург. Има опција да остане во Македонија, но истакнува дека приоритет ќе му биде да продолжи во странство. Кузмановски не открива кои се заинтересираните клубови иако во  јавноста се споменува интерес од Вардар и од Еурофарм Работник, но и од хрватскиот шампион ППД Загреб кој сега го предводи Лино Червар, тренерот што го донесе од Пелистер во Металург. За 22-годишниот македонски репрезентативец сега, сепак, најважно е да се реши ситуацијата со Металург, да остане во форма и да ја ја одигра оваа сезона.

„Чекам да се реши ситуацијата со Металург. Што потоа, ќе видиме. Има повеќе опции, но мене приоритет ми е да заминам во странство да бидам во добар тренажен процес и да играм во Лигата на шампионите“ – истакнува Кузмановски.

Филип Кузмановски потекнува од школата на Пелистер. Во Металург дојде во 2015 година како еден од најталентираните ракометари од новата генерација. Иако имаше неколку опции да замине во странство и понуди од клубови од Франција и од Германија, уште по истекот на првиот двегодишен договор со Металург, тој сепак реши да остане во Автокоманда и минатата година потпиша нов договор со Металург со важност до јуни 2019 година. Во меѓувреме се договори со Магдебург по завршувањето на договорот со Металург како слободен играч да ја продолжи кариерата во Германија.

Се вчитува...